„Скокото“ е третиот водопад кој се наоѓа на самата река Брегалница веднаш по спојувањето на Љутачка и Ж’тачка Река. Водопадот е висок околу 7 m и располага со големо количество вода. До самото место води уредена пешачка патека со должина од околу 1500 m. Водопадот на Љутачка река е четвртиот по ред, со височина од околу 10 m. По патот до него има поставено клупи за одмор. Петтиот и последен поголем водопад е Ж’тачки водопад на истоимениот поток, кој со своите 14 m е највисок. Иако долго време не била позната нивната атрактивност, тие денес се достапни за вљубениците во природата и за туристите. Сите водопади изобилуваат со планинска убавина. Водопадите се пристапни, означени со добра сигнализација и инфо-табли. Целиот простор е убаво уреден, во прекрасна планинска област со густи шуми и чист воздух.