„Пехчевски Водопади“, се наоѓаат на десетина километри југоисточно од Пехчево, во горниот, изворишен дел на реката Брегалница. Реката овде е длабоко всечена помеѓу планината Влаина на север и Малешевски Планини на југ, така што на некои места има кањонест изглед. Токму тука се создале 5 поголеми водопади и бројни каскади на Брегалница и нејзините притоки, каде чистата и студена вода весело жуборејќи го пренесува зборот за убавините на Малешевијата. До водопадите се доаѓа по локалниот асфалтен пат од Пехчево до туристичката населба „Равна Река“.Следејќи ја долината, прв е Спиковски водопад на Спиковска Река, десната притока на Брегалница. Кон водопадот висок 8 m, води добро уредна пешачка патека долга 500 m, со поставени летниковци и клупи за одмор. Потоа следува Црндолски водопад на истоимената притока на Брегалница, висок околу 5 m. Уредната пешачка патека што води до овој водопад e долга околу 400 m, со многу летниковци и места за одмор на посетителите и е доста погодна за пешачење.

add your comment