„Вртена Скала“ е карпеста форма со впечатлив изглед, висока околу 5 m. Се наоѓа 4 km источно од Пехчево, во пазувите на Буковик, на десната долинска страна на Пехчевска Река. Низ средишниот дел на карпата има тесен отвор, долг околу 2 m. Кај месното население постои верување дека протнувањето низ карпата им помага на жените кои немаат деца да добијат пород, а на малите деца им помага од несоница и немир.
Протнувањето се изведува со посебен ритуал. Обично се избира човек кој ја води жената кај вртената скала, во присуство на нејзиниот маж и други блиски роднини. Тој човек ѝ помага на жената да се протне низ отворот на скалата од едниот до другиот крај. Потоа до карпата се остават дарови и пари. Тука, на лице место, жената го дарува човекот што ѝ помагал. На тој начин тој човек станува побратим на жената и секоја година на тој ден жената со фамилијата оди на гости кај побратимот со дарови и јадења. Ова верување е распространето не само во Малешевијата туку и пошироко во Пијанец и Кочанско. Заради интересот за посета, до Вртена Скала води обележана патека, а просторот околу карпата е уреден и обезбеден.

add your comment